Откако Светското првенство во Катар ја донесе највозбудливата групна фаза некогаш видена на Светско првенство, со испробан формат што ги воодушеви сите навивачи, ФИФА ја разгледува можноста да направат систем со 48 тимови за светското во Северна Америка 2026 година.
Тоа значи дека управното тело на светскиот фудбал повторно размислува за промена на форматот за следното Светско првенство бидејќи нивните првични планови да имаат 16 групи од по три селекции во првата фаза, при што по две од секоја ќе напредуваат во следната фаза, наиде на многу негодување бидејќи остава многу простор за калкулации и неспортско однесување. ФИФА на почетокот на оваа година призна дека е загрижена за можноста за местење натпревари каде што две екипи би можеле да играат со позитивен резултат за двете, со што ќе се елиминира третиот тим од групата.
Поради тоа има неколку алтернативни формати кои сега се на масата, а Советот на ФИФА, треба да одлучи следната година.
Тие, според шефот за глобален фудбалски развој на ФИФА, Арсен Венгер, се 12 групи од по четири тима, а најдобрите третопласирани селекции напредуваат заедно со првите две. Другата опција е за поделба на Светското првенство во две одделни натпреварувања по 24 екипи од кои секоја вклучува шест групи од по четири екипи. Победникот на секој од тие одделни настани би се сретнал во финалето.
Но, тоа ќе значи значително зголемување на бројот на натпревари. Светското првенство во Катар со 32 селекции има вкупно 64 натпревари и ќе се комплетира за 29 дена, а засега финалето во 2026 година ќе биде со 80 натпревари во текот на 32 дена.
Сепак, повеќе натпревари би значеле повеќе пари од телевизиските права, а со оглед на тоа што Светското првенство генерира околу 90 отсто од приходите на ФИФА, нејзините челници ќе бидат во искушение.
Светското првенство во Катар заработи 7,5 милијарди долари од права и приходи од спонзорства, што е 1 милијарда долари повеќе од турнирот во Русија во 2018 година, објави ФИФА минатиот месец.