Фудбалерите на Баерн вечерва го победија Лајпциг со 5:3 во финалето на германскиот Суперкуп и ја одбранија титулата. Баварците поведоа со 1:0 веќе во 14. минута од натпреварот кога младиот Мусиала имаше извонреден удар. Вториот гол падна во 31. минута, а во центарот на вниманието беше дебитантот Садио Мане, кој веќе на првиот меч се запиша во листата на стрелците. Додека Павард на крајот од првото полувреме постигна гол за 3:0.
Лајпциг намали на 3:1 во 60. минута кога Халстенберг успеа да ја затресе мрежата на Баерн. Само шест минути подоцна Гнабри погоди за 4:1 и тогаш се чинеше дека се е решено. Сепак, Нкункуа со гол од пенал намали на 4:2, додека Дани Олмо во 89. минута постигна одличен гол за 4:3 и ги врати возбудувањата на овој меч. Сепак Баерн успеа да реши се во осмата минута од судиското надополнување кога Лерој Сане ги постави конечните 5:3 за нов трофеј на Баварците.